Skip to content

Сирење што не е сирење: соседите воведоа црвена ознака за млечните имитации – а кај нас?

1 мин. читање
Сподели
Сирење што не е сирење: соседите воведоа црвена ознака за млечните имитации – а кај нас?

„Сирење” што не е сирење, „кашкавал” со палмино масло наместо млеко – трик стар колку и самите маркети. Во соседството конечно решија да го стават под контрола: Република Српска воведе правило по кое млечните имитации со палмино или друго растително масло мора да носат јасна црвена ознака дека „не се 100 проценти млечен производ”.

Правилата се конкретни. Производите што содржат растителни масти мора да стојат во посебни витрини и рафтови, одвоени од вистинските млечни производи. Забранети се и измамничките називи – „сирење”, „вегетаријанско сирење”, „аналог на сирење” и слични – како и сликите што асоцираат на млеко ако производот тоа не го содржи. Правилникот стапи на сила на 5 јуни.

За потрошувачот ова е важна победа. Со години во рафтовите стојат производи спакувани да изгледаат како вистински, а на состав – друга приказна, која ситните букви ретко ја откриваат на прв поглед. Кога ќе мораат да носат црвена ознака и да стојат настрана, играта со заблудата станува потешка.

Прашањето што само се наметнува е: а кај нас? Додека соседите ги штитат своите потрошувачи и домашните млекари од нелојална конкуренција, македонскиот купувач сè уште сам мора да чита ситни состави и да погодува што всушност носи дома. Можеби е време и нашите институции да се „сетат” дека заштитата на потрошувачот не е луксуз, туку обврска.