Skip to content

Странски амбасадор шокиран од струшката депонија: 30 метри ѓубре до Охридското Езеро

1 мин. читање
Сподели
Странски амбасадор шокиран од струшката депонија: 30 метри ѓубре до Охридското Езеро

Кога странски амбасадор ќе се изјасни дека е „шокиран” од состојбата на едно ѓубриште, тогаш проблемот веќе одамна не е локален. Амбасадорот на ЕУ во Македонија, Михалис Рокас, ја посети струшката депонија и побара итна реакција – не само долгорочно решение што се чека со години.

Местоположбата зборува сама. Депонијата е оддалечена само 500 метри од населени места, веднаш до реката Црн Дрим и на околу два километри од Охридското Езеро – заштитен локалитет под УНЕСКО. Според еколошки активисти, купот ѓубре наместо да се намалува, расте: од 22 метри во 2021 година, денес достигнал околу 30 метри во висина.

„Прилично сум шокиран од размерите на проблемот… големината бара итно решение”, изјави Рокас. ЕУ поддржува долгорочно решение преку регионален центар за третман на отпад во Новаци, но тој проект доцни, па амбасадорот вети дека ќе разговара со локалните власти за привремени мерки додека центарот се гради.

Градоначалникот на Струга, Менди Ќура, тврди дека депонијата ја одржува договорна фирма и дека преку лето нема да се дозволи палење ѓубре за да се спречат пожари. Утешно – но не и доволно. Минатата година случајот стигна дури до судот во Стразбур, кој прифати претставка за прекршување на правото на здрава животна средина.

И тука е најболниот дел. Требаше странски амбасадор да дојде и да каже „шокиран сум” за да се проговори погласно за нешто што локалното население го трпи со години. Колку други депонии низ земјава чекаат некој однадвор да се згрози, за да реагираат оние што се однатре?