Skip to content

Марк Маркес: „Годините полни со повреди многу ме научија“

1 мин. читање
Сподели

Многу изгуби, но…

Мотоциклистот на Дукати, Марк Маркес, денес изјави дека повредите во изминатите неколку години го научиле многу, како и дека титулата оваа сезона е подеднакво посебна како и првата освоена во 2013 година.

„Изгубив неколку години од кариерата поради повреди, но тие години ме научија многу. Пред тоа делував инстинктивно, сега се обидувам повеќе да ги планирам своите потези“, рече 32-годишниот шпански мотоциклист на виртуелна конференција за медиуми.

Шпанецот во неделата со второто место на трката за Големата награда на Јапонија ја освои седмата титула светски првак во Мото ГП шампионатот.

Марк Маркес со тој резултат се изедначи со легендарниот Италијан Валентино Роси, кој како и Маркес има две титули во шампионатите до 125 и 250 кубици.

Во периодот од 2019 до 2024 година, Марк Маркес имаше четири операции на десната рака, по преломот на надлактицата во Херес во 2020 година. Падна повеќе од 100 пати на патеката и пропушти 30 трки.

Тој додаде дека во 2023 година морал да донесе тешка одлука – „да ја напушти Хонда или да ја заврши кариерата“, по што премина во Гресини рејсинг.

„Сакав само мотор (Дукати), не сакав плата. Возев бесплатно само за да дознаам дали уште можам да се борам со најдобрите“, рече тој.

Во септември минатата година во Арагон ја прекина серијата од повеќе од 1.000 дена без победа во главна трка, а оваа сезона премина во фабричкиот тим на Дукати.

Марк Маркес доминираше оваа сезона со 11 победи во 17 главни трки, како и 14 победи во спринтовите.

„За мене оваа титула е посебна, подеднаква како и онаа од 2013 година. Но, за да дојдам до оваа, многу повеќе страдав“, истакна шпанскиот возач.

Пред Марк Маркес е борба за изедначување со уште еден легендарен Италијан, Џакомо Агостини, кој има рекордни осум трофеи во Мото ГП.

„Најтежок период во мојата кариера, се надевам, сега е завршен, така што, ако нешто и се случи, тоа ќе биде подарок“, оцени тој.

Пет трки пред крајот, Марк Маркес е на првото место на генералниот пласман со 541 бод, додека неговиот помлад брат Алекс Маркес (Гресини рејсинг) е втор со заостаток од 201 бод.

Шампионатот продолжува следната недела со трката за Големата награда на Индонезија.