Skip to content

220 лица евакуирани поради поплавите во Кичево и Гостивар – критична состојба на реките

0 мин. читање
Сподели

Илјадници граѓани низ цела Македонија се соочуваат со последиците од обилните врнежи кои предизвикаа широки поплави во текот на викендот. Најкритична е состојбата во Кичево и Гостивар, каде што 220 лица беа евакуирани од своите домови.

Центарот за управување со кризи соопшти дека итните служби работеа цела ноќ на терен, а најтешка ситуацијата е во селото Форино во полошкиот регион. Поплавени се земјоделски површини во Чајле, Турзане, Врапчиште и Беловиште, додека во Кичево најголем број домови на улицата „Прилеп” беа погодени од водата.

Евакуираните жители од Кичево беа сместени во спортската сала „Христо Узунов”, каде Црвениот крст координираше испорака на храна и вода. Покрај тоа, штета од водата беше евидентирана и во кичевската болница, додека во населбата Подварош подрумите на повеќе објекти беа поплавени.

Според Управата за хидрометеоролошки работи, критично високи се нивоата на реките Вардар и Треска, со продолжена опасност од излевање. Вардар во горниот тек задржува исклучително високо ниво, додека водите на Треска се на критичен праг и покрај постепеното опаѓање.

Поплави беа регистрирани и во селата во Липково, Куманово, Сарај, Струмица и Пробиштип. Во Сарај, преку 30 домови беа поплавени, а градоначалникот Мухамед Елмази соопшти дека во интервенцијата учествуваат Дирекцијата за заштита и спасување, пожарникари од Тетово и Скопје, како и локалните служби.

Властите ги повикуваат граѓаните да бидат особено внимателни при движење покрај реките и сувите речни корита. Прогнозите најавуваат дополнителни врнежи во текот на денот, што може дополнително да ги зголеми водостоите на реките.