Skip to content

7 возила во карамбол кај Св. Николе – Македонија пат повторно „изненадена“ од минусни температури

1 мин. читање
Сподели

Утрово околу 7 часот на автопатот Свети Николе – Скопје се случи сериозен карамбол откако замрзнат мост предизвика лизгање и судир на повеќе возила. Според информациите од очевидци, оштетени и излизгани се најмалку седум возила, а сообраќајот се одвивал отежнато и со висок ризик за нови несреќи.

Возачите сведочат дека коловозот бил целосно замрзнат, без претходно посолување или предупредување за опасност, што довело до ланец-судир на возилата. Неколку автомобили завршиле во банкина и заштитната ограда, додека дел од возачите со часови чекале помош покрај патот.

Она што дополнително ја вознемири јавноста е фактот што, според присутните на терен, дури и по 40 минути од несреќата на местото не пристигнала екипа на Итната медицинска помош, иако имало повредени и вознемирени лица.

Овој инцидент повторно го отвора прашањето за подготвеноста на надлежните служби во зимски услови. Во средина на февруари, кога минусните температури се очекувани, надлежното претпријатие „Македонија пат“ повторно изгледа изненадено од временските услови.

Граѓаните со револт прашуваат: дали човечките животи вредат помалку од неколку килограми сол? Дали навременото посолување на мостовите и критичните точки на автопатиштата е толку тежок и скап процес за институциите?

Додека надлежните молчат, возачите повторно остануваат сами да се справуваат со опасните услови на патиштата. Овој карамбол е само уште еден аларм дека системот за зимско одржување на патиштата сериозно потфрла – и дека цената на таа негрижа ја плаќаат граѓаните со својата безбедност.