Skip to content

Блокада на Скопје: Вработените во „Паркови и зеленило“, „Флораком“ и „Луна“ без плата за август

0 мин. читање
Сподели

Вработените во ЈП „Паркови и зеленило“ заедно со колегите од „Флораком“ и „Луна“ најавија дека денеска од 10 до 12 часот ќе го блокираат сообраќајот во Скопје доколку не им биде исплатена августовската плата. Како дел од протестот, ќе бидат затворени мостот „Гоце Делчев“ и булеварите „Илинден“ и „Партизански одреди“.

Претседателот на СУТКОЗ, Стојанче Кашиковски, изјави дека и покрај тоа што Град Скопје префрлил околу 23 милиони денари, недостигаат уште 25 милиони денари само за платите на „Паркови и зеленило“. Дополнително, потребни се средства и за „Флораком“ и „Луна“. Тој нагласи дека претпријатието се наоѓа во тешка финансиска криза и не може да ги извршува своите основни функции.

Работниците веќе неколкупати протестираа во август, а јулската плата ја добија дури кон крајот на месецот. Сега над 650 вработени остануваат и без здравствено осигурување, што дополнително ја влошува нивната состојба.