Skip to content

ДИК ги објавува првичните резултати во рок од 12 часа по изборите – еве како тече процесот

0 мин. читање
Сподели

Државната изборна комисија (ДИК) ги објавува првичните резултати од локалните избори сукцесивно, веднаш по приемот на податоците од општинските изборни комисии преку електронски пат. Според Изборниот законик, резултатите добиени од записниците на општинските комисии мора да бидат објавени во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.

Општинските изборни комисии, пак, имаат рок од седум часа по затворањето на избирачките места да ги објават своите резултати врз основа на податоците од избирачките одбори. Тие се истакнуваат на огласните табли во општините и се соопштуваат на јавните гласила.

Изборната комисија на Град Скопје ги објавува првичните резултати за градоначалник и совет во рок од десет часа по завршувањето на изборите, а информациите се достапни на огласна табла и преку медиумите.

Конечните резултати ДИК е должна да ги објави веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од нивната конечност. Истата обврска ја имаат и општинските изборни комисии, кои резултатите ги објавуваат за своите општини поединечно.

Во првиот круг од гласањето, за градоначалник е избран оној кандидат кој добил мнозинство гласови од излезените избирачи, под услов на изборите да излегле најмалку една третина од запишаните гласачи во избирачкиот список.

Доколку овој цензус не биде исполнет, се повторува целата изборна постапка за соодветната општина.

Изборите за градоначалници се спроведуваат по мнозински модел, додека за членови на советите се применува пропорционален изборен модел, во еден изборен круг.