Skip to content

ЕСМ алармира за кризна состојба, тешко оди набавката на мазут и јаглен од Грција поради блокадите

1 мин. читање
Сподели

Поради блокадите на грчките земјоделци, земјава се соочува со сериозни тешкотии во набавката на енергенси неопходни за производство на електрична енергија. Според информации на Телма, ЕСМ побарала од Владата на Северна Македонија да прогласи кризна состојба на пазарот со електрична енергија.

Јагленот што се увезува од Грција пристигнува со задоцнување, но уште поголем проблем претставува доставата на мазут, кој во мали количини се користи за зголемување на калоричната вредност на јагленот при производството на струја. Поради санкциите, овој енергенс во моментов може да се обезбеди само од Грција, а протестите таму дополнително ја усложнуваат ситуацијата.

Поради ваквиот развој, државните електрани испратиле официјално писмо до Владата со барање веднаш да се прогласи кризна состојба, што би овозможило активирање на државните резерви и користење на неопходните енергенси за непречено производство на електрична енергија.

Иако од наредната недела се најавуваат значително пониски температури и зголемена потрошувачка, од ЕСМ засега не очекуваат директни рестрикции. Во моментов, од домашните производствени капацитети работат РЕК Битола со еден блок, РЕК Осломеј, централата „Когел“ во Скопје, како и хидроцентралите и ветерниот парк во Богданци.

Паралелно, ЕСМ за јануари набавила електрична енергија од ТЕТО во вредност од над 12 милиони евра, по цена од околу 119 евра за мегават-час. Според информациите, понудата на ТЕТО била најповолна, додека други понуди достигнувале и до 300 евра за мегават-час.

Со оваа набавка се планира да се заштедат домашните енергенси и хидропотенцијалот, кои би се користеле во февруари и март – периоди кога цената на струјата на пазарот традиционално е повисока. На тој начин, ЕСМ би можела и да продава вишоци на електрична енергија и да оствари дополнителни приходи, во услови кога компанијата подолг период се соочува со финансиски предизвици.

Сепак, ситуацијата останува неизвесна. Грчките медиуми најавуваат дека земјоделците не само што ќе продолжат со блокадите, туку и ќе ги заострат, што дополнително го зголемува ризикот од продлабочување на енергетската криза.