Skip to content

Франција се подготвува за можен судир со Русија во наредните 3–4 години

0 мин. читање
Сподели

Француските вооружени сили активно се подготвуваат за можен вооружен конфликт со Русија во рок од три до четири години, изјави началникот на Генералштабот на армијата, генерал Фабиен Мандон. Во интервју за „Квест Франс“ и во обраќањето пред Националното собрание, Мандон нагласи дека државата мора да биде подготвена за „најлошо сценарио“, според најновите безбедносни процени.

Генералот откри дека претседателот Емануел Макрон побарал да се презентираат конкретни опции за гарантирање на националната безбедност, во услови на зголемена руска воена активност и затегнати геополитички односи.

Мандон посочи дека анализите на француската армија укажуваат на можност Москва директно да се судри со земјите од НАТО:

„Русија ја смета Европа за слаба. Гледаме реорганизација на нејзиниот воен апарат во насока на можен директен судир со НАТО. Мораме да бидеме подготвени.“

Тој потсети на руските интервенции во Грузија (2008), анексијата на Крим (2014) и инвазијата врз Украина (2022) како пресвртни точки што ја потврдуваат оваа проценка.

Генералот нагласи дека ваквите процени не се само француски. Разузнавачките служби од Германија, Велика Британија и САД делат слични позиции, предупредувајќи на растечката соработка на Русија со Кина, Иран и Северна Кореја, што ја менува глобалната рамнотежа.

Како дел од зајакнувањето на одбранбените капацитети, француската армија редовно учествува во големи воени вежби со сценарија на судир со силен противник. Следната голема операција, „Орион 2026“, ќе вклучи илјадници војници и учество на сојузнички држави.

Генералот Мандон нагласи дека евентуален конфликт нема да биде само воена битка, туку и тест за отпорноста на општеството:

„Овој вид шок бара целосна мобилизација на општеството. Нашата сила лежи во единството. Ако Русија успее да нè подели – ќе има предност.“

Тој спомена и неодамнешни инциденти кои властите ги оценија како обиди за провокација и поттикнување меѓуетнички и општествени тензии – поставување лажни ковчези пред Ајфеловата кула и свински глави пред неколку џамии.

Безбедносните служби во Франција продолжуваат да ги следат ризиците и да подготвуваат стратегија за одвраќање и одбрана. Дебатата за можниот конфликт веќе предизвикува големо внимание во Европа, додека властите во Париз порачуваат дека превенцијата и подготвеноста се клучни за зачувување на мирот.