Skip to content

Голема полициска акција во Скопје – на мета лихвари и перачи на пари

0 мин. читање
Сподели

Во Скопје денес се спроведува голема координирана акција на Министерството за внатрешни работи (МВР) под раководство на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

Според информациите, акцијата опфаќа претреси на повеќе локации во градот, насочени кон лица осомничени за сериозни кривични дела, меѓу кои лихварство и перење пари.

Од Обвинителството соопштија дека постои основано сомневање за инкриминирани активности, а целта на акцијата е откривање на мрежа која со години вршела финансиски злоупотреби и нелегални трансакции.

„Под раководство на предметен обвинител од ОЈО ГОКК, единици на МВР вршат претреси на повеќе локации во Скопје. Станува збор за осомничени лица за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело Лихварство и Перење пари. Повеќе детали ќе бидат споделени со јавноста по завршување на акцијата“, соопштија од Обвинителството.

Оперативните активности сè уште траат, а јавноста очекува детали за можните апсења и заплени поврзани со оваа акција.