Skip to content

Иран погуби човек обвинет за шпионажа за Израел

0 мин. читање
Сподели

Иранските власти денеска соопштија дека е извршена смртна казна врз Хамидреза Сабет Есмаелипур, кој беше осуден за шпионажа и соработка со израелската разузнавачка служба Мосад.

Според иранскиот судски портал „Мизан“, Есмаелипур бил уапсен на 29 април 2025 година и прогласен за виновен за пренесување доверливи документи и информации на „непријателска разузнавачка служба“. Неговата смртна казна била потврдена од Врховниот суд на Иран, по што денеска била извршена егзекуцијата со бесење.

„По спроведување на сите законски процедури, пресудата беше извршена“, се наведува во соопштението на судските власти, пренесува агенцијата Ројтерс.

Иран во изминатите години погуби повеќе лица обвинети за врски со Мосад и за олеснување на негови операции на иранска територија.

Според Ројтерс, бројот на егзекуции значително се зголемил по ескалацијата на конфликтот меѓу Иран и Израел минатата година, особено по нападите врз ирански нуклеарни објекти, за кои Техеран ги обвинува Израел и Соединетите Американски Држави.