Skip to content

Изгласано – „Сан Сиро“ заминува во историјата

1 мин. читање
Сподели

Градскиот совет на Милано утрово ја одобри продажбата на стадионот „Сан Сиро“ и околното земјиште на Интер и Милан, со што им се овозможува на овие два фудбалски клуба да продолжат со проектот за уривање на поголем дел од постојниот стадион и изградба на помодерен и нов.

По повеќе од 11 часа расправа, која вклучуваше 239 амандмани, Градскиот совет на Милано ја одобри продажбата на стадионот и околното земјиште со вкупна површина од 28 хектари, што е во сопственост на градот. Одлуката беше донесена рано утринава, во 3:46 часот, кога 24 советници гласаа за, 20 беа против, а двајца беа воздржани.

Гласањето го одбележаа бурни расправи – неколку советници од Демократската партија гласаа за, додека другите ги критикуваа претседателите на клубовите – Бепе Марота (Интер) и Паоло Скарони (Милан). Еден од советниците дури ги нарече „старци“, поради нивната критика на политиката. Партијата Форца Италија беше воздржана, со образложение дека предлогот има недостатоци, но дека проектот вреден 1,2 милијарди евра ќе донесе нови работни места, подобра инфраструктура и обновување на градот.

Воздржаните гласови го намалија прагот потребен за мнозинство, што се покажа како клучно за усвојување на предлогот.

Милан и Интер ќе платат 197 милиони евра за постојниот стадион и околните паркинг-места, каде што планираат да изградат нов стадион кој повторно ќе го делат. Новиот „Сан Сиро“ со капацитет од 71.000 седишта треба да биде готов до 2031 година и ќе ги чини клубовите 1,2 милијарди евра.

Сегашниот стадион „Сан Сиро“, познат и како „Џузепе Меаца“, со капацитет од 75.000 места, е еден од најзначајните во европскиот фудбал. Отворен е во 1926 година и досега повеќепати е реновиран.

Стадионот ќе биде претежно срушен, но дел од него – една трибина што е заштитен архитектонски објект – ќе биде вклучена во новиот комплекс, кој ќе содржи деловни простории и спортски објекти.

„Сан Сиро“ ќе биде домаќин на церемонијата на отворање на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина во февруари, а целта е новиот стадион да биде подготвен за Европското првенство во 2032 година, кое Италија ќе го организира заедно со Турција.