Skip to content

Лидија Димковска го промовира Тринаесеттиот – прв роман за деца и млади

1 мин. читање
Сподели

Во „Јуроп хаус” во Скопје вечерва се промовира новиот роман „Тринаесеттиот” на македонската авторка Лидија Димковска. Ова е нејзиниот прв наслов наменет за деца и млади – значаен исчекор за авторката која досега беше позната пред сé по своето поетско и прозно творештво за возрасни.

Романот е издаден од ТРИ Издавачки центар и се одликува со повеќеслоен, современ јазик достапен за денешните генерации. Делото се истакнува со иновативност и длабочина, обработувајќи теми кои вообичаено се избегнуваат во литературата за деца и млади. „Тринаесеттиот” ги повикува читателите да одговараат на авторските прашања и да градат нов однос кон самите себе преку текстот.

На промоцијата ќе зборуваат книжевните критичари Весна Мојсова-Чепишевска и Виолета Танчева-Златева. Младите актери од глумачката школа на Весна Петрушевска – која оваа година го одбележува 30-годишниот јубилеј – ќе настапат со изненадување и ќе го драматизираат делото на Димковска.

Лидија Димковска е една од најпреведуваните македонски авторки, добитничка на бројни домашни и меѓународни признанија, меѓу кои се Наградата на Европската Унија за литература, германската награда „Хуберт Бурда” за поезија, а и романските награди „Поезис” и „Тудор Аргези”.

Настанот е отворен за јавноста, со бесплатен влез и почнува во 19 часот. Ова е уникатна прилика за книжевните љубители да се сретнат со авторката и да откријат нова страна од нејзиното творештво.