Skip to content

Македонските граѓани стравуваат од можен ценовен шок за струјата на прагот на зимата

0 мин. читање
Сподели

Македонските граѓани со загриженост ја очекуваат зимата, стравувајќи од можен нов ценовен шок за електричната енергија. Компаниите чијашто работа директно влијае врз цената на струјата веќе почнаа да ги доставуваат своите барања до Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

Досега, само МЕПСО доставило барање за минимално зголемување на цената, но од Регулаторната комисија смируваат дека не се очекуваат значителни промени.

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, изјави дека по завршувањето на тендерот на ЕВН Хоум ќе се знае дали ќе има промена во цената. До крајот на месецот, Комисијата ќе ги добие и новите цени за пренос, за кои не се предвидува поскапување.

Од МЕПСО уверуваат дека со континуираните инвестиции во преносниот систем, снабдувањето со електрична енергија ќе биде стабилно во текот на зимата.

Во моментов, повеќе од половина од вкупниот инсталиран капацитет во земјава потекнува од обновливи извори на енергија, а 40% од произведената струја е од незагадувачки капацитети. Сепак, експертите предупредуваат дека Македонија мора да инвестира и во гасни електрани, кои ќе обезбедат базна, сигурна и еколошка енергија.

На денешната конференција на здружението за обновливи извори на енергија – МАРЕС, се разговараше за актуелните состојби на пазарот, новите енергетски политики, инвестиции и конкретни чекори за создавање поодржлив и стабилен енергетски систем во земјава и регионот.