Skip to content

Мицкоски до Кошта: Македонија е за ЕУ, но заслужува достоинствен процес без билатерални условувања

1 мин. читање
Сподели

Премиерот Христијан Мицкоски на маргините на Минхенскиот безбедносен форум оствари средба со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, на која отворено разговарале за европската перспектива на Македонија и за предизвиците на патот кон полноправно членство во Унијата.

Мицкоски јасно го пренел ставот дека Македонија останува целосно посветена на европскиот пат, но истовремено побарал процесот да биде достоинствен и принципиелен, заснован на европски вредности наместо на билатерални условувања. „Јасно ја пренесов нашата позиција — Македонија заслужува достоинствен и принципиелен процес, базиран на европски вредности, а не на билатерални условувања”, соопшти премиерот по средбата.

На средбата биле разгледани реформските процеси кои моментално ги спроведува македонската влада, вклучувајќи го владеењето на правото, борбата против корупцијата, економската стабилност и подобрувањето на животниот стандард на граѓаните. Земјата сè уште ги нема отворено пристапните поглавја со ЕУ, бидејќи услов е вклучување на бугарската заедница во Преамбулата на Уставот — барање кое актуелната влада го условува со гаранции дека нема да има дополнителни блокади.

Во рамките на минхенската посета, Мицкоски оствари и средба со раководството на унгарската компанија 4IG, со која разговарал за пакет инвестиции од 100 милиони евра во областа на телефонијата, вештачката интелигенција и енергетиката.

Премиерот се сретна и со менаџментот на германскиот гигант „Шварц груп”, матична компанија на „Лидл” и „Кауфланд”. Темите вклучувале планови за нови инвестиции, отворање работни места и модернизација на трговскиот сектор. „Ги отвораме вратите за домашните компании да ги пласираат своите производи во големите европски синџири”, истакна Мицкоски.

Премиерот порача дека европската иднина не е само политичка цел, туку избор за подобра држава, најавувајќи дека Владата продолжува да работи одговорно, чесно и со јасна визија за Македонија во Европа.