Skip to content

МНР формираше кризен тим: 11 македонски граѓани побараа евакуација од Израел

1 мин. читање
Сподели

Со зголемувањето на напнатоста на Близкиот Исток, сè поголем број македонски граѓани кои се наоѓаат во регионот бараат помош и поддршка од државата. Министерството за надворешни работи и надворешна трговија потврди дека 11 граѓани официјално побарале евакуација преку македонската амбасада во Тел Авив.

МНР активираше кризен тим кој работи 24 часа на ден, а конзуларните служби на македонските амбасади во Доха, Абу Даби и Тел Авив одржуваат постојан контакт со пријавените лица. Со сите нив се водат активни координации за евентуална евакуациска асистенција, во зависност од понатамошниот развој на состојбата.

Министерството апелира до сите македонски граѓани во Израел и во другите засегнати земји редовно да ги следат официјалните портали за итни состојби, строго да ги почитуваат безбедносните инструкции на локалните власти и да се воздржат од патувања во регионот сè до стабилизирање на ситуацијата.

За граѓаните кои останале во засегнатите подрачја беа издадени конкретни упатства: да знаат каде е нај блиското засолниште и колку им треба за да стигнат до него, да инсталираат официјални апликации за аларми за итни случаи и веднаш да влезат во засолниште при добивање на сигнал за опасност. Доколку засолниште не е достапно, препорачано е да се побара внатрешноста на зграда, подалеку од прозорци и надворешни ѕидови.

Граѓаните треба да имаат секогаш при рака документи, мобилен телефон, резервна батерија, вода и основни лекови. Доколку условите ескалираат, тие треба самостојно да се евакуираат ако тоа е безбедно, без да чекаат на официјална евакуација.

СОС линијата на МНР е достапна на бројот 075/273-732, а граѓаните можат да се обратат и директно до амбасадите во Доха, Абу Даби и Тел Авив.