Skip to content

Недостиг на пелети и раст на цените: магацините празни, граѓаните во паника пред зимата

0 мин. читање
Сподели

Оваа есен, многу граѓани кои се греат на пелети чекаа до последен момент за да се снабдат со огрев, што доведе до голема навала и привремен недостиг на пазарот. Повеќето магацини низ државата се празни, а цената на пелетите нагло порасна – вреќа од 15 килограми која лани чинеше 250 денари, сега се продава и по 330 денари, со тенденција на понатамошен раст.

Главна причина, според трговците, е тоа што многу фабрики за пелети во Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина – од каде традиционално се увезуваше најголем дел од количините – се затворија поради работење со загуба и непроменета цена во изминативе две години.

Во Македонија само една голема фабрика во Ранковце и неколку помали производители се обидуваат да ја задоволат побарувачката, но тоа е невозможно без увоз. Од фабриките предупредуваат дека, ако не се овозможи увоз, ќе можат да снабдуваат само редовни муштерии, а за останатите „ќе нема“.

„Суровини набавуваме од Бугарија, но и таму ја зголемуваат цената. Ќе работиме додека имаме материјал, потоа ќе мора да затвориме,“ вели еден домашен производител.

Ситуацијата е слична и во Србија, каде побарувачката одеднаш скокнала, а фабриките немаат капацитет да произведат доволно. Производителите велат дека лошото време и врнежите го отежнале пристапот до суровини, што го забавило производството.

„По 15 камиони пелети излегуваат секој ден од фабриката, но побарувачката е толку голема што е физички невозможно да се испорачаат сите количини,“ вели српски производител.

Поголемиот дел од домаќинствата кои се снабдуваат со огревно дрво велат дека резерви има, но цената е повисока. Буката се продава од 4.200 до 4.500 денари за кубен метар, а дабот до 4.500 денари.
„Национални шуми“ ја задржа минатогодишната цена, но транспортот и дистрибуцијата ја зголемија конечната цена на пазарот.

Комбинацијата од голема побарувачка, недостиг на суровини и прекин на увозот предизвика вистинска енергетска криза на микрониво. Експертите предупредуваат дека ако состојбата не се стабилизира до ноември, можно е дел од домаќинствата кои се греат на пелети да останат без резерви во најладниот период од годината.