Skip to content

Обвинителството води предистражна постапка за повеќе лица поврзани со случајот во Кочани

0 мин. читање
Сподели

Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека во врска со случајот во Кочани се води предистражна постапка и против други лица, а предмет на обработка се уште десетина инкриминирани дејствија. Тој посочи дека обвинителството нема да пропушти ниту едно дејствие, иако засега не може да открие кои лица и институции се опфатени во процесот.

Коцевски потврди дека покрај пораките разменети меѓу инспектори на Управата за јавни приходи и сопственикот на дискотеката „Пулс“, постојат уште многу пораки кои се дел од истрагата. Според него, за содржината биле запознаени и обвинителството, и судот, и Министерството за внатрешни работи, а пораките биле доставени и до адвокатите.

„Работев чесно, законито и професионално,“ изјави Коцевски, одбивајќи да ги коментира политичките ставови на премиерот дека не е задоволен од неговата работа. На прашањето дали очекува непристрасно судење, со оглед на тоа што инспекторот од УЈП кој се допишувал со газдата на „Пулс“ е брат на в.д. претседателката на Кривичниот суд, тој нагласи дека тоа е прашање за кое е надлежен судот, а Обвинителството во рекордно време поднело обвинение.

Во однос на постапката што ја води Обвинителството за организиран криминал против полицајците поврзани со пожарот, Коцевски истакна дека таа трае подолго поради недостиг на обвинители. На случајот моментално работи само еден обвинител, но се очекува во скоро време да биде поднесено обвинение и за нив.