Skip to content

Одобрен обвинителниот акт за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани

0 мин. читање
Сподели

NORTH MACEDONIA NIGHT CLUB FIRE

Советот за оцена на обвинителен акт при Основниот кривичен суд Скопје го одобри во целост обвинителниот акт поврзан со трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа и беа повредени десетици лица.

Од судот информираат дека во постапката биле ангажирани сите ресурси за навремено и законито постапување, со цел да се избегнат пропусти кои би ја компромитирале истрагата и да се обезбеди точно и транспарентно информирање на јавноста.

Предметот првично беше во надлежност на Основниот суд Кочани, но со одлука на Врховниот суд од 25 јуни 2025 година беше префрлен во Скопје, со образложение дека се потребни поискусни судии во областа на кривичната материја. Обвинителниот акт беше доставен на почетокот на јули, по што веднаш беше распределен на совет за оцена. Поради судир на интереси, дел од судиите беа изземени, а нив ги заменија судии од Одделението за организиран криминал и корупција.

На 15 јули Јавното обвинителство на РСМ одлучи дека за предметот е надлежно ОЈО Скопје. Со оглед на тоа што станува збор за 37 обвинети со 33 бранители, судот се соочи со потешкотии при доставување на обвинителниот акт, но сепак постапката беше завршена во законскиот рок.

Советот за оцена на 3 октомври 2025 година донесе решение со кое обвинителниот акт се одобрува во целост, по што предметот продолжува под број К.1872/25. Од Основниот кривичен суд Скопје велат дека ќе продолжат редовно да ја информираат јавноста за сите понатамошни процесни дејствија, имајќи ја предвид чувствителноста на случајот и големиот број оштетени лица и семејства на жртвите.