Skip to content

ПИОМ – пензискиот систем не може да колабира, но односот вработени-пензионери паѓа

1 мин. читање
Сподели

Директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ), Никола Мемов, ги увери граѓаните дека пензискиот систем не може да колабира бидејќи државата по закон ги гарантира исплатите на пензиите.

„Додека постои државата, пензиите ќе продолжат да се исплатуваат”, изјави Мемов, нагласувајќи дека секој недостиг во фондот се покрива директно од државниот буџет.

Сепак, бројките покажуваат загрижувачки тренд. Односот вработени-пензионери е 1,64 работници на еден пензионер, во пад од 1,86 во 2016 година. За 2026 година, државните трансфери кон фондот се планирани на 62,8 милијарди денари (приближно 1 милијарда евра).

Од тоа, околу 30 милијарди денари одат за покривање на зголемените пензии од 7.000 денари месечно, 13,7 милијарди за здравство на пензионерите и 19,6 милијарди за транзициски трошоци кон пензиските компании од вториот столб.

Пензиите бележат значително зголемување – од септември 2024 до април 2026 пораснаа за 7.000 денари месечно, со номинален раст од 36 проценти, додека минималните пензии пораснаа за 68 проценти, од 13.200 на 20.888 денари.