Skip to content

Поделени реакции по откривањето на статуа во чест на Тина Тарнер во Тенеси

1 мин. читање
Сподели

Во Браунсвил, Тенеси – местото каде што порасна легендарната Тина Тарнер – беше откриена триметарска статуа во чест на музичката икона. Монументот е поставен во близина на средното училиште што го посетувала пејачката, како дел од годишната церемонија со која се слави нејзиното наследство, пишува UNILAD.

Скулпторот Фред Ајанога, кој ја изработи статуата, изјави дека посветил посебно внимание на препознатливата фризура на Тина, опишувајќи ја како „лавовска грива“. Уметничкото дело ја прикажува пејачката во енергична сценска поза со микрофон во рака.

Веднаш по откривањето, социјалните мрежи беа преплавени со коментари. Дел од обожавателите сметаат дека статуата не успеала да ја долови суштината на музичката легенда, а некои дури побараа таа да биде отстранета. „Тоа е многу лоша реплика на Тина Тарнер. Какво непочитување!“, напиша еден корисник.

Други ја доживеаја ситуацијата на посаркастичен начин, споредувајќи ја фигурата со ликови од поп-културата или спортисти. „Не можам да ја гледам без да се насмеам. Зошто го направија тоа од нејзината коса?“, се запраша еден обожавател, додека други ја споредија со холандскиот фудбалер Руд Гулит.

Тина Тарнер (1939 – 2023) зад себе остави живот исполнет со предизвици и триумфи. Таа се издигна од тешкиот и насилен брак со Ајк Тарнер, со кого ја започна кариерата во 60-тите, до статус на светска суперѕвезда. По разделбата во 1976 година, кога остана без пари и се соочи со долгови, таа со години градела соло кариера што ја направи уште пославна.

Со нејзиниот моќен глас, харизма и бројни хитови, Тина Тарнер ја доби титулата „Кралица на рокенролот“, оставајќи трајно наследство во светската музичка историја.