Skip to content

Поплави го зафатија Кичево – околу 200 жители погодени, активиран Кризен штаб

0 мин. читање
Сподели

Силни врнежи од дожд во текот на денешниот ден предизвикаа сериозни поплави во Кичево, оставајќи околу 200 жители во критична ситуација. Интензивните врнежи доведоа до излевање на Зајаска Река, по што водата навлезе во десетици домови и ги преплави улиците во повеќе делови од градот. Општинските власти веднаш реагираа со активирање на Кризен штаб, кој непрекинато ја следи состојбата и ги координира сите активности за помош и заштита на граѓаните.

Особено тешка е ситуацијата во неурбанизираната населба кај улица „Прилепска”, како и во населбата Подварош, каде жителите со сопствени пумпи и со поддршка од противпожарните екипи се обидуваат да ја отстранат водата од своите домови. Дел од улиците станаа целосно непроодни, а оштетени се и голем број паркирани возила. Жителите се обидуваат да спасат дел од покуќнината додека водата продолжува да навлегува во нивните куќи.

За лицата на кои им е потребно привремено згрижување, општината обезбеди сместување во спортската сала во Иванидол. На теренот активно интервенираат екипите на Јавното комунално претпријатие „Комуналец” – Кичево и Територијалната противпожарна единица – Кичево, кои постапуваат согласно приоритетите и потребите на засегнатите граѓани.

„Општина Кичево ќе го даде максимумот со сите расположливи ресурси за брза реакција и поддршка на засегнатите граѓани. Избегнувајте движење низ поплавени улици и подрумски простории. Доколку има ризик, исклучете електрична енергија во домовите”, соопштија од општинските власти.

Од општината апелираат граѓаните да останат смирени и внимателни, нагласувајќи дека сите расположливи ресурси се мобилизирани за справување со последиците од поплавите. Кризниот штаб продолжува со работа и континуирано ги проценува потребите за дополнителна помош на теренот.