Skip to content

Поплави во Ресенско: Над 50 куќи погодени откако се излеаја Болнска и Источка река-Се следи состојбата во Ресен, Битола, Демир Хисар, Охрид, Крива Паланка

0 мин. читање
Сподели

Поради обилни врнежи во подрачјето на општина Ресен, попладнево Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека Болнска и Источка река се излејаа во селата Царев Двор и Дрмени, при што беа поплавени повеќе од 50 куќи, визби, магацински простории и земјоделско земјиште.

Дополнително, поплави се евидентирани и кај селото Долна Бела Црква поради излевање на Голема Река, чиј моментален водостој е 210 сантиметри.

На терен се ангажирани екипи од јавните претпријатија, ЈП „Македонија пат“, ЈКП „Пролетер“, како и приватни машини — вкупно 7 пумпи за испумпување вода и повеќе багери за расчистување и санација. Во населбата Црквиште се користат сите расположливи пумпи за справување со поплавените објекти, а „Македонија пат“ информира дека на повеќе делници има наноси од земја кои се расчистуваат по приоритет.

Директорот на ЦУК, Мухамед Али, ја следи состојбата од Дежурниот оперативен центар и е во постојана координација со градоначалниците на засегнатите општини. Во соопштението на Центарот се нагласува дека состојбата се следи во Ресен, Битола, Демир Хисар, Охрид, Крива Паланка и околината, и дека дежурни екипи ќе останат на терен и во текот на ноќта за понатамошни интервенции.

Поради зголемените водостои на реките, поплавени се и подруми, приоди и земјоделски површини во повеќе региони. Граѓаните се повикуваат да ги следат инструкциите на надлежните и да ги пријавуваат итните случаи преку службите за итни интервенции.