Skip to content

Повторно недостиг на терапии на Клиниката за онкологија

1 мин. читање
Сподели

Претседателката на Либерално-демократската партија, Моника Зајкова, алармираше преку своите социјални мрежи за сериозен проблем со кој со месеци се соочуваат пациентите на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија – недостиг од тумор-маркери, цитостатици и неопходни терапии.

„Пациенти анонимно секојдневно ми се обраќаат со очај и страв за сопствениот живот. Ова не е политичка тема, туку борба за живот,“ напиша Зајкова.

Таа нагласи дека пациентите се оставени без основни лекови како ибандроник, цисплатин, таксол и други неопходни терапии, што е недозволиво во услови кога секој ден значи борба за преживување.

Зајкова денеска поднела и пратеничко прашање до Министерството за здравство, барајќи јасни одговори зошто доаѓа до вакви прекини, кога ќе бидат набавени лековите и кој ќе ја понесе одговорноста за страдањата на пациентите.

„Ниту еден човек не смее да чека. Ниту еден живот не смее да биде изгубен поради нечија негрижа,“ порача лидерот на ЛДП, апелирајќи за итно решавање на проблемот и обезбедување континуирана терапија.

Во јавноста веќе пристигнуваат реакции со кои се бара од институциите да постапат без одлагање и да обезбедат соодветна грижа за најранливите граѓани.