Skip to content

Прашањето до надлежните – дали операторот (EVN) врши приклучување, или бара инвеститорите и граѓаните сами да ја градат мрежата?

1 мин. читање
Сподели

Во урбанизирани зони, инфраструктурата треба да биде обезбедена и развиена од страна на операторот, а не да се префрла како товар врз поединци. Наместо тоа, се создава впечаток дека приклучокот се користи како механизам за финансирање на мрежата, без јасни критериуми и без транспарентна пресметка.

Дополнително загрижува фактот што не постои еднаков третман. Додека едни објекти се приклучени без вакви трошоци, други – во непосредна близина – се соочуваат со барања од илјадници или дури милионски износи.

           Ова отвора сериозни прашања: како се утврдува цената за приклучок, дали се користат најскапите можни решенија и дали намерно се избираат подалечни точки за приклучување со цел да се зголеми трошокот?

          Граѓаните веќе реагираат, инвеститорите се повлекуваат, а развојот на енергетиката и градежништвото се доведува во прашање. Наместо да се поттикнува изградба и производство на електрична енергија, се создаваат бариери кои директно ја кочат економијата.

        Во конкретни случаи, за приклучок на обична приватна куќа се бараат и до 3.500 евра, иако на само неколку десетици метри веќе постојат приклучени објекти и истата се гради во урбанизирано подрачје ( Виница). Наместо едноставно приклучување на постоечката мрежа, од граѓаните се бара да плаќаат суми кои немаат никаква логична врска со реалните трошоци.

         За приклучок на соларна централа, во урбанизирано подрачје со важечки урбанистички план и платени комуналии, се бараат речиси 1 милион евра. Да, милион евра – само за приклучок на мрежа која веќе постои. никој не води ред дека приклучокот ја надминува инвестицијата и дека EVN и надлежните всушност меѓу редови порачуваат откажете се. Иако и во овој случај има решение кое што и EVN го знае.

          Наместо да се искористи постоечката мрежа во близина, се определуваат оддалечени точки за приклучок, со што вештачки се зголемува цената. Инвеститорите се доведуваат во ситуација да плаќаат за изградба на далноводи, трафостаници и комплетна инфраструктура – која на крај не им припаѓа ним, туку останува во сопственост на операторот.

         Граѓани плаќаат илјадници евра за приклучок на обични куќи. Инвеститори се соочуваат со барања од стотици илјади и милионски суми за соларни централи. Во исто време, нема јасни и транспарентни објаснувања како се формираат овие цени, ниту дали постојат поевтини технички решенија.

       Согласно закон, кога државата има сопственост – дури и делумна – постои јасен јавен интерес и обврска за институционален надзор. Тоа значи дека Државниот завод за ревизија не само што има право, туку има и законска обврска да изврши ревизија на работењето на EVN.

Без ревизија – нема одговори.

А без одговори – постои сериозен сомнеж дека системот не функционира во интерес на граѓаните.