Skip to content

Продолжи судењето за „ПУЛС“: одбраната со серија забелешки, судот призна пропусти во достава на обвинението

1 мин. читање
Сподели

Со дваесетминутно доцнење денеска продолжи главната расправа за случајот „ПУЛС“, трагедијата од 16 март 2025 година во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. По воведниот говор на обвинителството на претходното рочиште, процесот денес продолжи со произнесување на вина и воведни зборови на одбраната.

Одбраната речиси два часа ги изнесуваше забелешките за, како што наведоа, „серија пропусти“ на обвинителството – од ненумерирани докази, неуредни USB-материјали, до „хаотична листа“ во која стотици докази биле повлечени. Неколку бранители укажаа дека новиот интегриран текст на обвинението содржи нови детали, изменета временска рамка и спомнување нови лица, меѓу кои Мартин А., за кого се тврди дека ја внел пиротехниката.

Обвинителството остана на ставот дека не станува збор за ново обвинение и дека интервенциите се „технички прецизирања“ кои не го нарушуваат субјективниот или објективниот идентитет на делото. Судот делумно ги усвои приговорите на одбраната, утврдувајќи дека обвинението и листата на докази не биле уредно доставени до обвинетите, по што најави дека доставата ќе биде извршена денес и утре.

Поради овие пропусти, наместо со изјаснување на вина и воведни зборови, расправата продолжи со оштетните побарувања на семејствата на загинатите. Во паузата, дел од родителите бурно реагираа на изјавите на адвокатите, извикувајќи дека „правата на обвинетите не можат да ја покријат неправдата“.

Во случајот „ПУЛС“ обвинети се 37 лица – сопственици, управители, државни службеници, инспектори и лица од обезбедувањето. Против нив се води постапка за тешки дела против општата сигурност поврзани со долгогодишни пропусти што, според обвинителството, ја претвориле дискотеката во „смртоносна стапица“.