Skip to content

Продолжува судењето за „Пулс“: Денес воведни зборови на одбраната

1 мин. читање
Сподели

Во судницата во Идризово денеска продолжува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. На денешното рочиште се очекуваат воведните зборови на одбраната на Александар Нацев, кого Обвинителството го посочува како неформален, односно реален сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, задолжена за обезбедувањето на клубот, како и одбраната на обвинетите правни лица „ММММ Кафе“ ДООЕЛ Кочани и „Рубикон Секјурити Солушнс“.

Во претходното воведно излагање, обвинителот Борче Јанев истакна дека процесот не е насочен кон одмазда, туку кон утврдување на лична и институционална одговорност. Според него, трагедијата во „Пулс“ не е последица само на активирањето на пиротехника, туку резултат на долгогодишни системски пропусти, институционален молк и недостиг на контрола, кои објектот го претвориле во „смртоносна стапица“. Јанев нагласи дека судот треба да одговори на прашањето не само кој го запалил огнот, туку и кој имал обврска и можност да го спречи.

Сите обвинети на почетокот од судењето изјавија дека не се чувствуваат виновни за трагедијата во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Дел од нив изразија сочувство до семејствата на жртвите, но останаа на ставот дека не сториле „тешки дела против општата сигурност“.

Преку своите адвокати, повеќемина обвинети ја оспорија основаноста на обвинението, тврдејќи дека поседувале валидна документација и дека трагедијата е последица на институционални пропусти, а не на индивидуална вина. Одбраните најавија изведување сведоци и докази кои, според нив, ќе го потврдат тоа.

Досега свои воведни одбрани дадоа и сопственикот на дискотеката Дејан Јованов, сопственикот на „ММММ Кафе“ Митко Стојанов, сопственикот на објектот Гроздан Милковски, како и дел од обезбедувачите. Проектантот Милка Едровска тврдеше дека била ангажирана само за сообраќајно решение, додека поранешни градоначалници, инспектори и поранешни министри ги негираа обвинувањата, посочувајќи дека надлежностите не биле во нивна рака.

Пожарот избувна на 16 март 2025 година, за време на настап на групата „ДНК“. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Според обвинението, дискотеката со години работела незаконски – без минимално-технички услови, без систем за противпожарна заштита и со бројни нелегални адаптации.

Судењето продолжува со фокус на одбраните, додека јавноста очекува одговори за една трагедија што отвори сериозни прашања за одговорноста на институциите и системот како целина.