Skip to content

Рудниците ќе си заминат, јаловиштата ќе останат: кој ќе ја плати катастрофата?

0 мин. читање
Сподели

Јаловиштето е обврска, не наследство

Јаловиштата не смеат да бидат проблем за идните генерации. Ако една компанија може да остварува профит од рудното богатство, тогаш мора да ја понесе и целата одговорност за штетите што може да ги предизвика – и денес, и утре, и по затворањето.

Историјата е полна со примери каде рудници згаснале, компаниите исчезнале, а зад нив останале еколошки бомби што ги плаќаат идните генерации. Затоа, прашањето за јаловиштата не е техничко, туку длабоко политичко и морално прашање.

Една од најголемите заблуди во јавноста е дека со престанокот на рударската експлоатација, престануваат и ризиците. Напротив – тогаш започнува најкритичниот период. Браните на јаловиштата стареат, системите за одводнување откажуваат, а токсичните материи продолжуваат да се исцедуваат кон почвата и подземните води.

Додека рудниците ветуваат развој, работни места и економски бенефити, зад нив останува една од најопасните и најдолгорочни еколошки закани – јаловиштето. Тоа не е обичен отпад, туку мешавина од ситно сомелен камен, хемикалии и тешки метали, која може да ја загадува животната средина со децении, па и со векови

Додека рудниците активно работат и остваруваат профит, државата има законска и морална обврска да провери дали навистина се обезбедени и соодветни фондовите за одржување, санација и затворање. Ова не е административна формалност, туку клучно прашање за јавната безбедност и заштитата на животната средина.

Фондовите постојат на хартија – но дали ќе ги покријат трошоците за наредните 150 години?

Законот јасно предвидува дека рударските компании мора да обезбедат финансиска гаранција за постапување со јаловиштата, за санација и за долгорочно одржување и по затворањето на рудниците. Но, во пракса, јавноста ретко знае:

  • колкави се тие фондови,

  • дали се усогласени со реалните трошоци,

  • дали се редовно ажурирани,

  • и дали навистина можат да покријат евентуална хаварија или затворање.

Проблемот е едноставен: цените растат, ризиците се зголемуваат, а фондовите често остануваат исти со години.

Секој рудник има свој век на траење. Ниту едно наоѓалиште не е бесконечно, ниту една експлоатација не трае засекогаш. Кога рудата ќе се исцрпи, машините ќе заминат, а профитот ќе се префрли на друго место – рудникот се затвора.

Фактот дека секој рудник има крај значи само едно: одговорноста мора да се планира уште од почетокот. Плановите за затворање, санација и рекултивација не смеат да бидат формалност на хартија, туку реална обврска, поткрепена со финансиски средства.

Голем дел од активните рудници во земјата се отворени пред повеќе децении

Рударството во Македонија со децении се претставува како столб на економијата, но една вистина сè потешко се игнорира: македонските рудници стареат

Со текот на времето, често не стареат само објектите, туку и документите. Плановите за управување со јаловиштата и фондовите за одржување неретко се правени пред години, без сериозно ажурирање според денешните реални трошоци и ризици.

Прашањето што мора да се постави е јасно:
дали фондовите и мерките од пред 10 или 20 години се доволни за денешната состојба на рудниците?

Граѓанската иницијатива не е непријател на државата. Таа е коректив, последната линија на одбрана кога системот затајува

Природата нема партиска боја. Водата што ја пиеме, воздухот што го дишеме и земјата што ја обработуваме не гласаат на избори. Затоа екологијата не смее да се сведува на политички маркетинг.

Кога граѓаните се организираат, тие не го прават тоа од инает, туку од нужда – затоа што директно ги чувствуваат последиците.

Најголемата грешка е фондовите да се проверуваат дури кога проблемот ќе ескалира. Тогаш веќе може да биде доцна – и за природата, и за луѓето. Проверката мора да биде редовна, транспарентна и задолжителна додека рудникот работи и остварува профит.

Граѓаните што живеат во близина на рудници имаат право на јасен одговор:
дали постојат средства за санација ако нешто тргне наопаку – или повторно ќе се чека државата да интервенира со пари од буџетот.