Skip to content

Сè помалку одговорност, сè повеќе површност

0 мин. читање
Сподели

Живееме во време кога луѓето се сè помалку одговорни, а сè повеќе насочени кон површни задоволства. Секојдневно сме сведоци дека најголемо внимание добиваат баналности – смешни видеа, селфи фотографии или тривијални содржини, додека вистинските и сериозни проблеми остануваат во сенка.

Кога ќе се отвори тема за загадувањето, сиромаштијата, здравството или образованието – теми кои директно го засегаат нашиот живот и иднината на нашите деца – тишината е оглушителна. Лајковите и коментарите ги снемува, како да станува збор за нешто што не нè допира. Но, кога ќе се појави маче, шега или безвредна глупост – тогаш сите се тука, спремни да кликнат „мне се допаѓа“.

Оваа несразмерност во вниманието е јасен показател дека општеството постепено ја губи свеста за она што е навистина важно. Наместо активно учество и критичко размислување, избираме пасивност и бегство во лесна забава.

Вистинската промена нема да дојде сама од себе. Таа започнува од секој од нас – со мал гест на интерес, со поддршка за вистинска иницијатива, со збор, со делење информација или со подигање на глас. Ако сите почнеме да реагираме на проблемите барем половина толку колку што реагираме на површните содржини, општеството би изгледало сосема поинаку.