Skip to content

Скопје затрупано во ѓубре – стаорците станаа закана по јавното здравје

0 мин. читање
Сподели

Купиштата отпад кои со денови се трупаат низ скопските улици создадоа идеални услови за размножување на глодари – стаорци и глувци, кои се преносители на сериозни заразни болести како лептоспироза, хантавирус и бубонска чума, предупредуваат епидемиолозите.

„Стаорците се размножуваат според експоненцијална прогресија – еден пар може да даде повеќе од милион потомци за 18 месеци. Во Скопје, сите услови се исполнети: храна, вода и простор“, вели епидемиологот Драган Даниловски.

Тој предупредува дека главниот град се претвора во „темпирана бомба за епидемија“, бидејќи отпадот не се собира со денови, а сметот се прелева од контејнерите.

Од ЈП „Комунална хигиена“ со денови нема систематско собирање на ѓубрето, а некои општини најавија дека самостојно ќе се справуваат со кризата.

„Ова повеќе не е само прашање на естетика, туку прашање на јавно здравје. Каснувањето на дете од глушец во училишен двор е црвена линија што не смееше да се премине“, предупредува Даниловски.

Според Центарот за контрола на болести, глодари пренесуваат повеќе од 35 видови зарази, меѓу кои чума, тифус, лептоспироза и салмонела.

Епидемиолозите бараат итна и координирана интервенција – дезинфекција, дератизација и можеби прогласување вонредна состојба на делови од градот.

„Откако опасноста ќе се неутрализира, мора да следи и институционална одговорност. Правото на здравје е уставно загарантирано право на секој граѓанин“, додава Даниловски.

Кризата со отпадот кулминира во екот на локалните избори во Македонија, каде идниот градоначалник на Скопје ќе мора веднаш да се зафати со еден од најгорливите проблеми во градот – ѓубрето и јавната хигиена.