Skip to content

Снег на планините: Забрана за автобуси на патот Тетово–Попова Шапка, камиони забранети на повеќе правци

0 мин. читање
Сподели

Зимските услови на патиштата денеска ги принудија надлежните да воведат сообраќајни ограничувања на повеќе планински правци. Поради интензивни врнежи од снег, воведена е забрана за автобуси на патот Тетово–Попова Шапка уште од раните утрински часови, а за останатите возила задолжителна е употреба на зимска опрема.

Истовремено, важи забрана за тешки товарни возила на правците Гостивар–Стража–Кичево и Маврово–Дебар. Забраната за камиони и автобуси на патот Лисец–Попова Шапка беше воведена уште во 05:45 часот.

Патниот правец Кичево–Гостивар беше привремено целосно затворен поради одрон во раните утрински часови. По интервенцијата на надлежните, едната сообраќајна лента беше пуштена во функција и сообраќајот се одвива наизменично. Патот Охрид–Ресен преку Галичица останува затворен до март.

Врнежи од снег со различен интензитет се регистрирани на Попова Шапка, во Маврово и на планинскиот премин Стража, додека на Буков дол има мешавина од дожд и снег. На повисоките места во западните делови на земјата остануваат наноси од кашест снег.

Агенцијата за управување со патишта препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на сообраќајната сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на кривините и клисурите. На граничните премини нема подолги задржувања.

Задолжителната зимска опрема во возилата важи до 15 март. Утре се очекуваат поинтензивни врнежи, па надлежните ги советуваат возачите да проверат дали нивните возила се соодветно опремени пред да тргнат на патување.