Skip to content

Состојбата со поплавите се стабилизира: Нема нови излевања, 250 евакуирани лица сместени во спортска сала

0 мин. читање
Сподели

По деновите на обилни врнежи и сериозни поплави во западните делови на земјата, состојбата постепено се стабилизира. Нивото на реките и водотеците во Тетовскиот и Кичевскиот регион е во континуирано намалување, а нови излевања не се евидентирани.

Во Тетовскиот регион нема нови пријави за излевање на Вардар кај село Форино, ниту на останатите водотеци каде што во текот на претходниот ден беше евидентирано поплавување. Поради врнежи од снег, воведени се сообраќајни ограничувања: забрана за камиони на правците Гостивар–Стража–Кичево и Гостивар–Маврово–Дебар, а за автобусите важи забрана на правецот Тетово–Попова Шапка. Останатите возила мора да имаат зимска опрема.

Во Битолскиот регион е примена пријава за поплавена куќа на улица Буковски мост. Нивото на Црна Река во селото Новаци изнесува 310 сантиметри.

На подрачјето на Кичево нема нови поплавувања. Состојбата останува непроменета, а нивото на реките е во континуирано намалување. 250 евакуирани лица сè уште се сместени во спортската сала „Христо Узунов”, каде им е обезбедена храна, вода и хигиенски производи. Екипи на надлежните служби вршат испумпување на водата од подрумите на улиците Прилепска, Пиринска, Први Мај и 29 Ноември.

Најкритична останува состојбата на улицата „Прилепска”, каде трагите од водата на ѕидовите на некои домови достигнуваат и до два метра. Жителите самостојно ја испумпуваат водата, додека надлежните работат на терен со целокупната расположлива механизација.

Иако Зајаска Река се повлече во своето корито, водостојот сè уште е зголемен. Постои ризик од ново излевање доколку врнежите се засилат, а метеоролозите најавуваат нови пообилни врнежи кон крајот на седмицата. Некои евакуирани семејства би можеле да останат во спортската сала до две недели, поради поголемите штети во споредба со претходните поплави.

Надлежните апелираат донациите за евакуираните да се доставуваат исклучиво преку Црвен крст на Република Северна Македонија, со цел организирана и транспарентна распределба на помошта.