Skip to content

Студен почеток на денот: Минус три на Попова Шапка, врнежите преминуваат во снег

0 мин. читање
Сподели

Утрово на Попова Шапка е измерена најниска минимална температура во земјата – минус три степени Целзиусови. Нула степени се регистрирани и во Берово, Маврови Анови, Лазарополе и Крушево, додека дел од земјата и понатаму е под влијание на обилни врнежи.

Врнежите во изминатото деноноќие беа најинтензивни во Пожаране, каде паднале 23 литри врнежи по квадратен метар. На повисоките места во западните и северните делови на земјата продолжуваат врнежите од дожд со кашест снег.

Во текот на денот се очекува продор на ладен воздух од север, кој ќе предизвика заладување придружено со силен северен ветер со брзина поголема од 70 километри на час. Поради тоа, врнежите од дожд постепено ќе преминуваат во снег — прво на повисоките терени, а потоа и на пониски локации, особено во западните и северните делови на земјата.

Температурите денес се движат во опсег од минус еден до седум степени за минимум, и од два до 13 степени за максимум. Во Скопје времето ќе биде облачно со врнежи и засилен северен ветер, а очекуваните температури се помеѓу три и девет степени.

Состојбата треба да се стабилизира утре и во четврток, со сончеви периоди. Меѓутоа, во текот на ноќта помеѓу четврток и петок се најавуваат нови пообилни врнежи.

Граѓаните се советуваат да се придржуваат кон препораките за безбедно движење на патиштата во зимски услови, особено на планинските терени каде снежните наноси го отежнуваат сообраќајот.