Skip to content

Сведок на судењето за „Онкологија“: Сме давале по 500 евра мито за секоја доза терапија

1 мин. читање
Сподели

Со сослушување сведоци предложени од Обвинителството, денеска во Основниот кривичен суд – Скопје продолжи судењето против поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Никола Васев, кој заедно со уште двајца онколози е обвинет за несовесно лекување пациенти во предметот „Онкологија 1“.

Еден од сведоците на денешното рочиште изјави дека морале да дадат мито од 500 евра за да ја добијат секоја доза од терапијата.

„Откако ќе влезевме во кабинетот на Васев, се ‘почестувавме со кафе’, како што беше договорот, и потоа тој го даваше лекот на медицинска сестра за аплицирање,“ изјави сведокот пред Судот.

Тој додаде дека лекот се наоѓал во фрижидер во кабинетот на Васев и дека нема документи за тоа, но верува дека податоците постојат во досиејата на Клиниката. На прашање од одбраната дали го пријавил случајот, сведокот рече дека не знаел каде да пријави.

На денешното рочиште беа сослушани неколку сведоци – оштетени лица и законски застапници на починати пациенти. Дел од нив изјавија дека давале пари за да добијат целосна терапија, додека други зборуваа за сомнежи во погрешно лекување.

Еден сведок тврдеше дека неговата мајка, која имала рак на бубрезите, примала терапија за рак на белите дробови, без подобрување до нејзината смрт.

Бранителот на обвинетата д-р Симонида Црвенкова, адвокат Владимир Туфегчиќ, реагираше на овој исказ, велејќи дека „тој е конструиран во контекст на обвинението“ и дека медицинските докази покажуваат напреднат стадиум на болеста.

Во текот на рочиштето, сведок изјави дека на обвинетата Црвенкова ѝ давала пари „од срце и душа“, без таа да ги бара. На ова реагираше самата обвинета:

„Целиот мој живот сум го посветила на образување и доброто на пациентите. Никогаш ниту сум побарала, ниту сум добила пари за мојата работа. Тоа е тешко обвинение за мене. Работам 30 години во оваа болест и знам што значи,“ изјави Црвенкова пред Судот.