Skip to content

СВЕТОТ КАКО ГАНГСТЕРСКО ГНЕЗДО: КОГА СИЛАТА ГО ЗАМЕНУВА ПРАВОТО

0 мин. читање
Сподели

Со војната во Газа, со постојаниот терор во Западниот Брег, со бескрајните убиства на деца кои секојдневно стануваат „статистика“, и со киднапирањето на Николас Мадуро, светот сè повеќе наликува на гангстерско гнездо отколку на заедница заснована на право, правила и морал.

Заедничкото во сите овие трагедии не е само насилството, туку молкот. Молкот на меѓународната заедница. Молкот на институциите кои постојат токму за да спречат вакви злосторства. Кога деца гинат под бомби, кога цели населби се бришат од картата, кога луѓе исчезнуваат без правна процедура – а светот нема јасна и недвосмислена осуда – тогаш станува јасно дека законот важи само за слабите.

Ова лицемерие не е ново. Сè уште нема вистинска, институционална осуда за убиството на Садам Хусеин, иако подоцна беше докажано дека клучната причина за воената интервенција – тврдењата за оружје за масовно уништување – била заснована на свесни лаги. Илјадници животи беа изгубени, цела држава беше уништена, а одговорност – речиси и да нема.

Кога лагата станува основа за воена операција, а одговорните никогаш не се соочуваат со правда, потоа не треба да нè чуди зошто денес истите методи се повторуваат. Денес Газа. Денес Западниот Брег. Денес Венецуела. Утре – која било држава или народ што ќе се најде на погрешната страна од интересите на моќните.

Во ваков свет, правилата не ги пишуваат институциите, туку посилните. Правдата не се бара, туку се наметнува. А човечкиот живот, особено животот на децата, станува колатерална штета во големата геополитичка игра.

Светот кој не осудува, светот кој молчи пред очигледното зло, престанува да биде цивилизиран. Тој се претвора во гангстерско гнездо – место каде што владее силата, а правото служи само како изговор.