Skip to content

Турција ќе ја изгради првата фабрика за муниција во Косово

1 мин. читање
Сподели

Турскиот државен воен гигант KME ќе ја изгради првата фабрика за муниција во Косово, со годишен производствен капацитет од околу 20 милиони парчиња, објави порталот EUalive. Фабриката, според договорот, треба да биде завршена следната година.

Компанијата KME ќе биде задолжена за изградба на сите потребни објекти и за обезбедување сеопфатна обука за локалниот персонал – вклучувајќи производство, одржување и поправка на муниција. Во рамките на проектот ќе бидат инсталирани производствени линии, лаборатории и опрема за тестирање, со цел да се воспостави целосен циклус на домашно производство.

Оваа иницијатива следи по изјавата на косовскиот премиер Албин Курти, дадена во ноември минатата година, во која најави планови за фабрика за муниција и лабораторија за дизајн на беспилотни летала, со цел зајакнување на одбранбената индустрија на Косово.

Воената соработка меѓу Турција и Косово значително се зацврсти во последните години. Во јули 2023 година, Приштина ги купи турските беспилотни летала „Бајрактар“ од производителот Бајкар, а на почетокот на октомври оваа година доби и илјадници беспилотни летала-самоубијци од истата компанија.

Премиерот Курти изградбата на фабриката ја нарече „бедем против заканите од соседна Србија“, истакнувајќи дека проектот претставува дел од стратегијата за јакнење на безбедносните капацитети на Косово. Од официјален Белград, пак, ваквите потези често се толкуваат како дел од наративот за албанска агресија во регионот.