Skip to content

Уапсен Гевгеличанец кој превезувал шест мигранти од Египет

1 мин. читање
Сподели

Четириесет и тригодишен жител на Гевгелија е уапсен откако излетал од патот со возило во кое превезувал шест мигранти од Египет, информира МВР.

Несреќата се случила на 11 април околу 21:20 часот на регионалниот пат Богданци-Гевгелија, на местото викано „Шарен мост”, кога патничко возило „фолксваген” со бугарски регистарски ознаки излетало надвор од коловозот.

Возачот по несреќата избегал од местото, но подоцна бил пронајден и лишен од слобода од страна на полицијата. На местото биле затекнати шест мигранти од Египет, од кои еден се здобил со тешки телесни повреди и бил пренесен во Клиничкиот центар „Мајка Тереза” во Скопје.

Од МВР соопштуваат дека постои основано сомнение за кривично дело „криумчарење мигранти”, а за случајот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија.

Овој случај е дел од серија инциденти поврзани со нелегален транспорт на мигранти низ јужниот дел од државата, особено во регионот на Гевгелија, кој се наоѓа на една од главните транзитни рути за миграција.