Skip to content

Ученичка нападнала три наставнички, директорката наводно барала случајот да се сокрие поради изборите

0 мин. читање
Сподели

Голем инцидент се случил пред два дена во основното училиште „Киро Глигоров“ во општина Центар, дознава Курир. Според сведоштва на родители и вработени, ученичка од седмо одделение со претходно позната дијагноза физички нападнала три наставнички во текот на наставата.

Инцидентот започнал во училишниот ходник, кога ученичката турнала наставничка на земја и ја шутирала, а потоа нападнала уште две наставнички кои се обиделе да помогнат и да ја спречат. Сцената, според очевидци, се случила во време на одмор, по што директорката трчала да ги затвори вратите од училниците за да спречи поголем хаос.

Наставничките веднаш побарале медицинска помош, при што им биле констатирани повреди и силен стрес. Но, според извори од училиштето, директорката наводно им наредила случајот да не се пријавува во полиција и да се избегне јавна реакција – „за да не се наштети на угледот на градоначалникот Горан Герасимовски пред изборите“.

Покрај тоа, училиштето не информирало ни родителите за инцидентот, тврдат извори од вработените. Дел од наставниците и родителите велат дека ова претставува затајување на службена должност и обид за прикривање на сериозен инцидент во кој биле загрозени и ученици и наставници.

Неофицијално, ученичката има психотична болест, за која ѝ е препишана терапија, но не е познато дали ја примала редовно. Според закон, општината е должна да обезбеди асистент за вакви ученици, но во овој случај асистент не бил присутен.

Редакцијата на Курир побарала одговор од Општина Центар дали се запознаени со инцидентот и кои мерки се преземени, но засега нема официјален одговор.

Настанот дополнително ги вознемири родителите, кои пред неколку дена добиле порака дека градоначалникот Горан Герасимовски обезбедил прочистувачи за воздух во училиштето, потег што дел од нив го протолкувале како предизборен маркетинг, бидејќи средствата за набавката се од општинскиот буџет, а не лична донација.

Родителите и дел од наставниците велат дека директорката на училиштето дејствува во интерес на градоначалникот, наместо на учениците и вработените, и бараат итна истрага од просветниот инспекторат и Министерството за образование.