Skip to content

УНИЦЕФ алармира: Загадениот воздух зголемува ризик од неонатални и хронични болести

0 мин. читање
Сподели

Загадувањето на воздухот претставува една од најголемите закани за здравјето на децата, предупредува УНИЦЕФ. Според организацијата, децата кои живеат во близина на депонии и нерегулирани сметишта се изложени на особено висок ризик од неонатални нарушувања, развојни задоцнувања и повисоки нивоа на токсични метали во организмот.

„Краткорочните и долгорочните последици се сериозни, бидејќи децата се во фаза на раст и развој, па нивните бели дробови и мозок не се целосно оформени,“ појаснуваат од Канцеларијата на УНИЦЕФ. Загадениот воздух е поврзан со заболувања на респираторниот систем, намалена работа на тироидната жлезда и имунитетот, когнитивни задоцнувања и зголемен доживотен ризик од хронични болести како рак, дијабетес и кардиоваскуларни заболувања.

Во Северна Македонија, загадувањето на воздухот е поврзано со 11,6 проценти од сите смртни случаи на деца до една година. Градови како Скопје, Тетово, Битола и Кавадарци редовно го надминуваат безбедносниот праг на СЗО, особено за честичките ПМ₂.₅ и ПМ₁₀.

УНИЦЕФ нагласува дека трајна заштита може да се обезбеди само преку силни мерки од владата и општините: построги стандарди за емисии, подобро управување со отпад, повеќе зелени површини, зони без загадување околу училиштата и инвестиции во системи за следење на квалитетот на воздухот.

Организацијата апелира и за јакнење на здравствените услуги за мајки и деца, намалување на изложеноста на пасивно пушење и вклучување на младите во локални иницијативи за чист воздух. „Гласот на децата и младите мора да се слушне во креирањето политики,“ додаваат од УНИЦЕФ.