Skip to content

Вучиќ: Одлуката на ЕУ за рускиот гас е катастрофална – „Како да им објасниме на инвеститорите дека не знаеме колку гас ќе имаме?“

0 мин. читање
Сподели

Српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата со унгарскиот премиер Виктор Орбан во Будимпешта предупреди дека одлуката на Европската Унија за забрана на транзит на руски гас низ земјите членки може сериозно да ја загрози енергетската стабилност на Србија.

„Ситуацијата станува сѐ покомплицирана. Разговаравме за снабдувањето со гас во иднина, работењето на компанијата МОЛ и пристапот до пристаништата за да обезбедиме доволни количини на нафтени деривати“, изјави Вучиќ.

Тој нагласи дека одлуката на Советот за енергија на ЕУ е „катастрофална“ не само за енергетиката, туку и за економијата и странските инвестиции.

„Без одличната работа на ТЕТО Панчево, која е руска електрана, минатата година немаше да имаме доволно енергија. Како да им објасниме на инвеститорите дека за две и пол години не знаеме колку гас ќе имаме? Кој ќе дојде во таква земја?“, рече Вучиќ, додавајќи дека Србија денес троши речиси три милијарди кубни метри гас годишно.

Тој истакна дека Србија и Унгарија се лојални партнери и дека заедно ќе бараат начини за да обезбедат стабилни енергетски извори.

Во врска со можноста унгарската компанија МОЛ да го надомести недостатокот на нафта преку Јадранскиот нафтовод, Вучиќ објасни дека компанијата веќе увезува повеќе деривати, но предупреди дека рафинеријата мора да продолжи со работа.

„МОЛ ни помага многу, но не можеме да плаќаме повисока цена. Ќе требаат три години за да се изгради нова рафинерија“, рече српскиот претседател.

Вучиќ порача дека Србија ќе се обиде да ги реши проблемите, но дека времето за адаптација е кратко.

„Европа крева завеса кон Русија, а зад таа завеса нема место за неутрални земји. Ние сакаме политика на мир – Унгарија исто така. Само чекам да слушнам дека наскоро нема да можеме да користиме ни воздух ни вода“, заврши Вучиќ.