Skip to content

Вучиќ по средбата со руската делегација: Нема да има енергетска криза во Србија

1 мин. читање
Сподели

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека земјата нема да се соочи со поголема енергетска криза, и дека нема да има недостиг од нафта и нафтени деривати.

Изјавата ја даде по средбата со претседателот на Управниот одбор на „Гаспромнефт“, Александар Џуков, и заменик-министерот за енергетика на Русија, Павел Сорокин.

„Штотуку ги завршивме важните разговори со руската делегација во врска со НИС. Задоволен сум од отвореноста, конструктивноста и искреноста. И двајцата бевме такви,“ изјави Вучиќ, додавајќи дека граѓаните треба да останат мирни.

Тој нагласи дека, иако времињата се тешки, државата ќе направи сè во стратешки и тактички интерес на Србија, во соработка со руските партнери.

Вучиќ не откри детали од разговорите, но порача дека Србија е подготвена да обезбеди стабилност на снабдувањето со енергенси и дека нема место за паника меѓу граѓаните.