Skip to content

ЈСП воведува дигитална картичка за студентите: без шалтери, но засега и без датум

1 мин. читање
Сподели
ЈСП воведува дигитална картичка за студентите: без шалтери, но засега и без датум

Студентите на државните универзитети во Скопје наскоро нема да мора да носат хартиени потврди ниту да чекаат пред шалтерите на ЈСП за да го користат бесплатниот јавен превоз. ЈСП Скопје, со поддршка од Град Скопје и во соработка со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, воведува дигитална студентска превозна картичка, која ќе важи и за студентите на Универзитетот „Мајка Тереза“.

Постапката е целосно дигитална. Студентскиот статус ќе се проверува автоматски, со размена на податоци меѓу ЈСП и универзитетите. Секој студент ќе добие упатство на својата е-пошта, ќе се најави во апликацијата SkopjeBus со истата адреса што ја користел при запишувањето на универзитетот и ќе ја активира картичката. Во автобусот на валидаторот се скенира QR-код од телефонот.

Идејата е толку очигледна што е чудно зошто стигнува дури сега. Универзитетот знае кој е студент, ЈСП знае кој има право на бесплатен превоз. Годините во кои студентите на почетокот на академската година чекаа во редица пред билетарите беа цената за тоа што двете институции не си ги разменуваа податоците.

Интересно е и кој ја соопшти веста. Покрај ЈСП, новината ја најави и Љупчо Ристески, претседател на Градскиот комитет на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, кој изјави: „Време е институциите да го преземат својот дел од работата и меѓусебно да ги разменуваат податоците што веќе ги поседуваат.“ Точно така. Само што услугата е на јавно претпријатие, а не партиска придобивка.

Точниот датум од кога картичката ќе профункционира засега не е соопштен, а од ЈСП велат дека студентите навремено ќе добијат дополнителни информации. Академската година почнува на почетокот на октомври. Дали студентите ќе го почнат семестарот со QR-код или повторно во редица пред шалтер?