Skip to content

Законот вели дека струјата ја плаќа државата, а УКИМ остана во мрак: долг од околу половина милион евра кон ЕВН

1 мин. читање
Сподели
Законот вели дека струјата ја плаќа државата, а УКИМ остана во мрак: долг од околу половина милион евра кон ЕВН

Најстариот македонски универзитет во среда остана без струја. Машинскиот факултет, ФЕИТ, Природно-математичкиот, Факултетот за земјоделски науки и храна и зградата на Ректоратот на УКИМ беа исклучени поради неплатени сметки. Долгот кон ЕВН, според медиумските информации, е околу половина милион евра. По неколку часа струјата се врати, но прашањето остана во темница.

А прашањето е едноставно, затоа што законот е едноставен. Членот 123, став 5 од Законот за високото образование вели дека тековните трошоци на јавните високообразовни установи, меѓу кои и комуналните, „во целост се надоместуваат од Буџетот“. Значи, сметката за струја на државен факултет не е проблем на деканот. Таа е обврска на државата.

Ребалансот излезе на денот на исклучувањето

Министерката за образование и наука Весна Јаневска потврди дека долгови постојат, но порача дека нема да има ново исклучување. „Електрична енергија на УКИМ има. Точно е дека има долгови за електрична енергија, меѓутоа, вчера, во ‘Службен весник’ излезе ребалансот на Буџетот, долговите редовно ги сервисираме и длабоко сум убедена дека ќе немаме ваков проблем“, изјави таа.

Ребалансот беше усвоен на 10 ноември, а во „Службен весник“ објавен на 18 ноември, токму денот кога факултетите останаа во мрак. Колку од тие пари одат за заостанатите сметки и дали се доволни за целиот долг, не е кажано. Од ЕВН, пак, не откриваат поединечни долгови, повикувајќи се на доверливост.

Ова не е првиот таков случај. Деканот на Факултетот за ветеринарна медицина, Деан Јанкулоски, изјави дека неговиот факултет претходно исто така бил исклучен и дека сам ги обезбедил парите за обврска која, според него, требало да ја покрие Министерството. Ако факултетите плаќаат од своите приходи она што по закон го должи буџетот, тогаш „долговите редовно ги сервисираме“ звучи поинаку.

Реакциите не изостанаа. Либерално-демократската младина бара јавно објаснување како е дозволено долгот да се натрупа и кој ќе одговара. Левица ја нарече состојбата „апсурд што звучи како политичка сатира“.

Иронијата е тешко да се избегне. Струјата згасна во деновите кога министерката, на регионалниот самит „Фјучерекс 2026“, најавуваше осовременување на наставата, дигитални вештини и повеќе практична работа. Над 10.800 ученици во прва година средно стручно образование веќе учат по осовременети програми, обучени се 569 наставници. Дигиталните вештини, сепак, бараат приклучок во ѕидот.

Ребалансот можеби ќе ја затвори сметката. Не ја затвора причината. Дали УКИМ навреме ги пријавил потребите, дали министерството ги одобрило, и зошто долгот се решава дури откако се изгаснаа светлата на четири факултети?