Skip to content

Девет полицајци обвинети за Росица, командирите надвор: СДСМ бара оставка од Тошковски

1 мин. читање
Сподели
Девет полицајци обвинети за Росица, командирите надвор: СДСМ бара оставка од Тошковски

Росица Коцева од Велес седум месеци бараше помош. Од 21 февруари до 15 септември 2025 година пријавувала насилство, имало и судски мерки за нејзина заштита. Беше убиена од поранешниот партнер. Сега, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинение против девет полициски службеници од Велес кои не постапиле соодветно по нејзините пријави.

Обвинети се девет полицајци. Командирите и началниците не се меѓу нив. Токму тоа го извади СДСМ, која бара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

„Само полицајците да бидат виновни со цел да ги заштитат високите полициски функционери, командири, началници и раководители“, изјави Кети Штерјова од СДСМ. Според неа, обичните полицајци не можеле сами да држат пријави и извештаи во фиока седум месеци. „Ако се виновни девет полицајци, тогаш покрај поединечната одговорност се поставува и прашањето дали системот не функционира или намерно штити одредени поединци.“

Порака до министерот?

Опозицијата бара обвинителството да го опфати и самиот Тошковски. „Во јавноста беа изнесени наводи дека Росица му испратила порака со барање за помош на неговиот телефон. Зошто тоа не е направено? Да се провери, да се обезбеди комуникацијата“, рече Штерјова и праша зошто министерот не ги разрешил раководителите во Велес. Таа ги наброја и другите случаи: Биљана од Богданци, Рамајана од Шуто Оризари, Ивана и нејзината ќерка од Скопје, Сара од Охрид, како и наводите за полициска бруталност врз 15-годишно момче од Охрид.

Партиската реторика е позната и има своја цел. Штерјова зборува за „партиска контрола“ и за раководители што, како што вели, не смеат да се допрат затоа што се од ВМРО. Тоа е политичко обвинување, не утврден факт. Но прашањето под него не е партиско. Кога девет полицајци седум месеци не постапуваат соодветно по пријави за насилство, некој над нив требало да ги види тие пријави.

Обвинението против деветмината е првиот чекор, не последниот. Дали обвинителството ќе ја провери целата линија на одговорност, вклучително и наводната порака до министерот? И дали МВР ќе објасни зошто одговорноста засега застанува на најниското скалило?