Skip to content

Обвинет дека ја давел девојката, избегал низ прозорец од полициска станица: ОЈО Битола бара продолжување на притворот

1 мин. читање
Сподели
Обвинет дека ја давел девојката, избегал низ прозорец од полициска станица: ОЈО Битола бара продолжување на притворот

Дошол во полициската станица доброволно, заедно со родител. Кога полицајците му кажале дека ќе биде задржан, излегол низ прозорец. Следните два дена 24-годишниот К.У. од Битола бил во бегство, сè додека не се предал во договор меѓу неговиот бранител и обвинителството. Сега Основното јавно обвинителство Битола бара тој да остане во притвор.

ОЈО Битола поднесе обвинителен предлог против него за телесна повреда при вршење семејно насилство, според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Според обвинението, на 10 ноември, во својот дом во Битола, по вербална расправија, тој ја удирал својата 21-годишна девојка по лицето со тупаници и шлаканици, а потоа ја стегал за вратот и устата. Ѝ нанел површинска телесна повреда, неколку нагмечувања и крвни подливи.

Девојката во полиција изјавила дека насилството траело околу година и пол и дека досега не го пријавувала од страв. Пред полицијата кажала и дека ѝ се заканувал дека ќе ја убие.

„Сметајќи дека овие ризици и натаму постојат, јавниот обвинител со поднесеното обвинение му предложи на судот да ја продолжи притворската мерка“, соопштија од Обвинителството, наведувајќи ги опасноста од бегство и од повторување на насилството. Дали судот веќе одлучил, во соопштението не пишува.

Мајката на девојката, на протестот против семејното насилство и фемицидите, го изрече својот страв: „За неколку дена насилникот ќе биде слободен и кој ќе го заштити тогаш моето дете? Осум дена притвор за една година тепање девојка.“

Според обвинението, рака кренал тој – тоа е главниот дел од оваа приказна, и за него ќе пресуди судот. Но има и втор дел, кој не смее да се изгуби: човек пријавен за давење на партнерката излегол низ прозорец од полициска станица, откако полицајците му кажале дека ќе биде задржан. Дали МВР ќе објасни како се случило тоа – и дали некој во станицата ќе одговара?