Skip to content

Мачето Мими само дојде на Клиниката за психијатрија, а сега вработените ѝ бараат топол дом

1 мин. читање
Сподели
Мачето Мими само дојде на Клиниката за психијатрија, а сега вработените ѝ бараат топол дом

Никој не ја донел. Мачката сама се појавила на врата на Универзитетската клиника за психијатрија во Скопје и за кратко време почнала да се однесува како да е тука израсната. Влегува и излегува кога ќе посака, а вработените ѝ дадоа име – Мими.

Мими не е првиот миленик на Клиниката. Пред неа, кучето Роџер стана верен пријател на пациентите и миленик на персоналот. Од Клиниката велат дека грижата за животните и дружењето со нив можат да помогнат во намалување на стресот, во подобрување на расположението и во одржување на секојдневната рутина.

Сепак, условите не дозволуваат Мими да остане засекогаш, па вработените ѝ бараат дом. „Таа е совршен миленик за да живее во домашни услови – има стекнати хигиенски навики, постојано преде, шири љубов и позитивна енергија“, напишаа од Клиниката. Мими е прочистена од надворешни и внатрешни паразити, стерилизирана и вакцинирана, подготвена веднаш да замине во нов дом. Заинтересираните може да им испратат порака преку официјалната страница на Клиниката на Фејсбук.

Во недела полна со судења, сметки и политички препукувања, ова е оглас од државна институција што навистина сакаме да го споделиме. Кој ќе ја прими Мими?