Skip to content

Скопје има 18 возила за снег, Софија 170: градоначалникот вели дека снегот нема да нѐ изненади, но зимата ја делат Градот и десет општини

1 мин. читање
Сподели
Скопје има 18 возила за снег, Софија 170: градоначалникот вели дека снегот нема да нѐ изненади, но зимата ја делат Градот и десет општини

„Не чекаме да нѐ изненади, делуваме пред да падне првиот снег“, порача градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Според неговата објава, екипите на зимската служба на Градот уште од доцните попладневни часови превентивно ги третирале сообраќајниците, со посебно внимание на повисоките делови, особено на Водно, каде што првиот снег веќе падна. „Додека снегот создава проблеми во регионот, ние остануваме на терен цела ноќ“, напиша тој.

И општините се огласија. Во Гази Баба градоначалникот Бобан Стефковски го активирал Кризниот штаб за постапување во зимски услови, воведени се дежурни тимови, а фирмите задолжени за зимско одржување се мобилизирани.

Сѐ тоа звучи добро. Но токму тука е и проблемот: во Скопје зимата не ја чисти една институција, туку Градот и десет општини, секој со своја мрежа на улици, тендери и изведувачи. За граѓанинот е сеедно чија е улицата. Неговото утро почнува во маалото, продолжува по булеварот и завршува пред училиштето, работата или амбулантата.

Скопје наспроти Софија

Градската зимска служба на Скопје, според оперативните програми, располага со 18 возила и 4.280 тони индустриска сол за околу 2,6 милиони квадратни метри сообраќајни површини. Тоа е едно возило на околу 29.250 жители. Во оваа пресметка не е вклучена механизацијата што одделно ја ангажираат општините.

Софија ја дочекува зимата со 339 специјализирани машини, од кои 170 снегочистачи, близу 24.000 тони смеси против голомразица и уште 5.000 тони песок за планинските делници. Бугарската престолнина има околу 2,4 пати повеќе жители од Скопје, но 9,4 пати повеќе возила за снег. Има околу 50 пунктови за брза реакција, GPS-надзор на механизацијата и казни: 1.500 евра за неисчистена автобуска постојка, 700 евра за неисчистен снег околу дрво. Изведувачите одговараат за резултатот, не само за тоа дали камионот излегол.

Приштина, со 227.466 жители и на околу 600 метри надморска височина, е помала од Скопје, но е изложена на посериозна зима. Таму зимското одржување се организира преку единствена општинска набавка поделена на шест територијални лота. Секој оператор одговара за својот реон, а договорот ги опфаќа улиците, тротоарите и атмосферската канализација.

Тендери на повеќе адреси

Во Скопје Градот, десетте општини и „Македонија пат“ спроведуваат посебни набавки и се потпираат на приватни градежни фирми. Во 2023 година Градот склучил договор вреден речиси 65 милиони денари за две зимски сезони, на тендер на кој се пријавила само една компанија. Без единствен регистар на возилата, постои ризик еден камион да се води како подготвен кај повеќе институции. На хартија сите се подготвени. На терен, еден камион не може истовремено да биде на булеварот и во маалото.

Градоначалникот вели дека снегот нема да нѐ изненади. Добро. Вистинскиот тест не е булеварот во полноќ, туку маалската улица и тротоарот во среда наутро, на минус 18. Кој ќе одговара ако таму нема никој?