Skip to content

Македонското знаме во Гостивар симнато и фрлено на земја, а Општината тврди дека ништо не е отстрането

0 мин. читање
Сподели
Македонското знаме во Гостивар симнато и фрлено на земја, а Општината тврди дека ништо не е отстрането

Едно лице го симнува македонското државно знаме од јарболот. Второ лице му помага, па двајцата го туткаат и го фрлаат на земја. Тоа е сцената од видеото што деновиве кружи по социјалните мрежи, снимено во Гостивар, на улицата „Илинденска“, каде што знамето го поставила самата Општина.

Министерството за внатрешни работи потврдува дека случајот е пријавен уште на 27 ноември во ОВР Гостивар. Полициска екипа извршила увид и, според МВР, се преземаат мерки за расчистување на настанот. Кои се луѓето на снимката и под кои околности го симнале знамето, засега не е соопштено.

Општина Гостивар, пак, реагираше на објавите во медиумите со тврдење дека знамињата пред општинската зграда и во центарот на градот се поставени и не се отстранети. Во меѓувреме, според подоцнежните информации, знамето е вратено пред општинската зграда. Ако ништо не било симнато, што точно е вратено?

Тука нема простор за „недоразбирање“. Државното знаме не паднало од ветер. Двајца луѓе свесно го симнале, го стуткале и го фрлиле, и тоа пред камера. Снимката ја објави профилот „Патриотско друштво“, со напомена дека е преземена од ТикТок, и е јавна веќе со денови.

Затоа прашањето сега е едноставно: колку време ќе ѝ треба на полицијата за да ги именува сторителите? Секој ден без одговор остава простор за шпекулации и тензии што никому не му требаат. Дали ќе дознаеме кои се, или и овој случај ќе остане на реченицата „се преземаат мерки“?