Skip to content

Аларм во Источна Македонија: Брегалница за една недела порасна двојно – Штип и регионот во зголемена приправност

0 мин. читање
Сподели

Нивото на реката Брегалница во Штип за само една недела е двојно зголемено, што повторно ја активира загриженоста кај жителите и институциите во источниот дел на земјата. На последната мерна станица во штипската населба Ново Село денеска е измерено ниво од 1,80 метри, со јасна тенденција на понатамошен раст поради континуираните врнежи од дожд. Според прогнозите, водостојот до крајот на денот може да се приближи и до 2 метри.

Брегалница извира во Пехчево, тече низ Берово, Калиманци и Штип, а потоа се влева во реката Вардар. Со вкупна должина од 225 километри, таа претставува една од најзначајните реки во источниот регион, а Штип е последната поголема населба низ која поминува пред вливањето во Вардар.

Жителите што живеат во близина на коритото внимателно ја следат состојбата. Штипјанецот Кире Меџунаров, кој живее во непосредна близина на мерната станица, вели дека ваквото нагло зголемување буди сериозна загриженост.

„На 19 јануари, кога се фрлаше крстот во реката, нивото беше околу еден метар. Денес, за само една недела, речиси се удвои. Се надеваме дека нема да се повторат поплавите од 2013 година, кога Брегалница достигна рекордни 4,13 метри“, вели Меџунаров.

Општинските служби во Штип се во зголемена приправност и веќе преземаат превентивни мерки. Градоначалникот Иван Јорданов информира дека состојбата постојано се следи и дека се договара набавка на вреќи со песок, кои по потреба ќе бидат поставени на критичните точки каде што постои ризик од излевање.

„Имаме постојана комуникација со сите надлежни институции. Подготвени сме навремено да реагираме доколку дојде до дополнително зголемување на нивото“, изјави Јорданов.

Во зголемена приправност се и другите општини долж текот на Брегалница. Во Берово, според градоначалникот Петар Ружински, состојбата засега е стабилна, но службите се на терен.

„Коритото во градот е регулирано, но проблеми може да се појават кај селото Будинарци, каде што коритото е потесно. Таму интервенира Водостопанството каде што има потреба“, посочува Ружински.

И во Делчево, според градоначалникот Иван Гоцевски, нивото на Брегалница е стабилно, благодарение на широко и регулирано корито, но се следат и притоките.

„Имавме одредени проблеми на Звегорска Река, но тие беа брзо санирани со механизација“, вели Гоцевски.

Клучна улога во контролата на водостојот има и акумулацијата „Калиманци“. Според раководителот на Водостопанство „Брегалница“ – Кочани, Горанчо Зашов, браната моментално располага со 85 милиони кубни метри вода и има капацитет да акумулира уште околу 30 милиони кубни метри.

„Извршивме контролирано испуштање од 130 кубни метри вода во секунда. Состојбата засега е стабилна и внимателно се следи, а по истекот на водите од Кочанска, Злетовска и Оризарска Река ќе биде пуштена во погон и хидроелектраната ‘Калиманци’“, информира Зашов.

Надлежните апелираат граѓаните да бидат внимателни, да не се движат покрај надојдени корита и навремено да пријават доколку забележат опасност од излевање. Ситуацијата останува динамична, а следните 24 часа ќе бидат клучни за понатамошниот развој.