Skip to content

Ескалира конфликтот меѓу Зеленски и Орбан пред изборите во Унгарија

0 мин. читање
Сподели

Дипломатскиот конфликт меѓу Украина и Унгарија продолжува да ескалира пред парламентарните избори во Будимпешта. Кризата започна кон крајот на јануари кога беше прекината испораката на нафта преку нафтоводот Дружба кој минува низ украинска територија.

Според украинските власти, нафтоводот е оштетен при руски напади и оттогаш е вон функција. Унгарскиот и словачкиот премиер, пак, тврдат дека штетата не е сериозна и дека прекинот се користи за политички цели. Како одговор, Будимпешта блокираше заем на ЕУ од 90 милијарди евра.

Ситуацијата драматично се влоши кога претседателот Зеленски практички му се закани со воена сила на премиерот Орбан, а Европската комисија таквата реторика ја прогласи за „неприфатлива”. Орбан, пак, нареди распоредување на војска и полиција околу клучните енергетски објекти за заштита од евентуална украинска саботажа.

Орбан го користи овој конфликт како главен адут во предизборната кампања. Низ цела Унгарија се залепени плакати со ликот на украинскиот претседател во негативен контекст. Антиукраинската реторика стана главна тема, додека Киев отворено навива за смена на власта.

На глобално ниво, унгарскиот премиер остана единствената фигура во Европа која ги обединува претседателите Путин и Трамп. Сите европски суверенистички лидери, вклучувајќи ја италијанската премиерка Мелони и Марин Ле Пен, се оддалечија од политиката на Вашингтон по последната ескалација на Блискиот Исток.

Аналитичарите предупредуваат дека поголемата опасност за регионот не е воена, туку долгорочните обиди за уништување на европското единство. Доколку Фидес победи на изборите, Унгарија веројатно ќе продолжи со политиката на дестабилизација, отворајќи простор за нови популисти кои се приближуваат кон Москва и Вашингтон наместо кон Брисел.